Васил Јованов, момчето кое смртно ја прегази Фросина Кулакова на „Партизанска“, денеска со наведната глава пред судот призна вина.
На денешното судење се обрати и мајката на Фросина.
„Јас сум човек со откорната душа, јас сум гласот на Фросина. Зборувам за неа, затоа што таа не може да зборува. Не се обидел ни да запре, не помислил дека ја удрил мојата Фросинче. Ја скршила шофершајбната, се качила на кровот и го извиткала семафорот од спротивна страна. Брзината била бесконечно поголема. Ниту еден орган не ѝ беше поштеден-мозочното ткиво, срцето распукано, градниот кош отворен. Мојата Фросина остана таму без иднина“, кажа Камелија Кулакова низ солзи, пренесува „Слободен печат“.

„Кој збор од Законот може да го опише ова, болката која ја чувствувам секој миг. Ова не е судење за сообраќајка ова е судење за грабеж на живот, за грабеж на иднина, за убиство. Барам највисока казна, не за одмазда, туку за ниедно дете да не ја доживее нашата судбина. Покажете дека правдата има душа и дека злосторството нема да помине. Ќе ми ја вратите вербата дека нејзината смрт не била залудна, за животот, за човечноста“, додаде таа.

