Жална вест споделија од Црвен крст на Македонија.
Тие ја информираа јавноста дека починал нивниот драг колега и пријател, Глигор Новачевски.
„Глигор (Гиго) беше неуморен хуманитарец, посветен работник, волонтер и вистински столб на нашата организација. Неговата пожртвуваност и љубов кон мисијата на Црвениот крст беа инспирација за сите нас. Со децении активно учество, Гиго несебично им помагаше на сите – секогаш таму каде што беше најпотребен, секогаш со отворено срце и искрена желба да направи добро“, пишува во објавата.

„Неговата добрина не познаваше граници. Насмевката му носеше утеха, зборовите инспирираа, а неговото присуство беше синоним за спокој и сигурност. Остави длабока и трајна трага во срцата на сите кои имаа чест да го познаваат и да работат со него. Ќе ни недостасуваш, Гиго. Празнината што ја оставаш зад себе е огромна, но спомените за твоето дело и човечноста што ја ширеше ќе светат засекогаш“, коментираат неговите колеги.
Во овие тешки моменти, тие упатуваат искрено сочувство до семејство, пријателите и сите блиски на Новачевски.
Во негова чест Црвениот крст ќе одржи комеморативна седница во Домот на хуманитарни организации Даре Џамбаз на 13 јуни, 2025 со почеток во 10:00 часот.

