Позната пејачка починала од срцев застој неколку часа откако била подложена на естетски зафати во една болница во Турција.
Смртта на Ана Барбара Бухр Булдрини предизвика шок во јавноста, особено откако се појавија неколку анонимни дојави во кои се тврди дека пред операцијата таа ја поминала ноќта со својот хирург под силно дејство на алкохол.
Ана (31) минатиот петок отпатувала со својот сопруг, уметникот Елгар Мајлс, од Мозамбик во Истанбул за да се подложи на зголемување на градите, липосукција и операција на носот. Како што нејзиниот маж изјавил за бразилскиот медиум „О Темпо“, зафатите биле дел од договор за промоција на болницата „Туса“.
„Сакаше да го подобри својот изглед, тоа беше нејзиниот сон“, рекол тој.
Двојката која се венчала пред само еден месец, наводно излегла со хирургот кој требало да ги изврши зафатите во сабота навечер, објавува бразилскиот „Г1“.

Ана и Елгар првично побарале операцијата да се одложи, за да имаат уште еден ден за подготовка и одмор.
„Поради проблеми со распоредот, хирургот одлучи да ја помести операцијата за една недела. Ја посетивме клиниката само за обиколка, но лекарот инсистираше да ја направи процедурата веднаш, иако Ана не беше подготвена“, тврди тој.
И покрај излегувањето претходната вечер, Ана Барбара била убедена да продолжи со операциите.
„Лекарот ми гарантираше дека нема да има проблем и дека сè ќе биде во ред“, вели Мајлс.
Зафатите биле извршени, а Ана излегла од оперативната сала околу 23 часот во неделата. Потоа Мајлс добил фотографија на која, наводно, се гледа неговата сопруга како се опоравува. Персоналот му соопштил дека сè уште е под анестезија и дека наскоро ќе се разбуди. Меѓутоа, како што времето поминувало, забележал дека однесувањето на персоналот се менува.
„Ми рекоа да одам во собата, но асистентите се однесуваа чудно. Чекав час и половина за да ја добијам назад. Се симнав долу и еден лекар ми кажа дека нејзиното срце чука многу бавно, додека друг ми кажа дека веќе починала“, раскажува тој.
Турската полиција ги привела лекарите на сослушување, но подоцна биле ослободени. Од болницата тврдат дека немало пропусти и дека персоналот направил сè што можел за да ја спаси пејачката.
„И покрај сите напори на нашиот стручен тим за анестезиологија, не можевме да ја реанимираме пациентката“, пишува во соопштението.

