Трогателни пораки денеска се споделуваат на социјалните мрежи по смртта на Владимир Блажев-Панчо, еден од членовите на дуото „ДНК“.
Две познати дами имаа посебно место во неговото срце, а тие го нарекуваа кум и брат.
Поп-ѕвездата Каролина Гочева се огласи на „Инстаграм“.
„Пане мој, другар и брат, срце планина, неизмерно ќе ми фалиш и секогаш ќе те сакам…“, напиша таа под заедничката фотографија.

Тажна е посветата и од водителката Лила Стојановска.
„Куме, барам зборови, немам зборови со кои би опишала како ја доживеав оваа вест. Сѐ уште не верувам дека твоето големо срце не издржа. Ова што го пишав на сликава пред неколку месеци верував дека така и ќе биде…💔 ама ти куме одлучи да не го оставиш Андреј сам… земјата плаче, а небото се радува зошто доби уште еден ангел. Пејте заедно и знајте дека вечно ќе фалите“, напиша Лила.

Панчо беше на лекување во приватна скопска болница. Негови блиски пријатели велат дека до пред неколку недели состојбата му била стабилна.
Јавното обвинителство потврди дека ќе издаде наредба за обдукција на телото.

