За неговата мајка имаше само пофални зборови, постојано ја спомнуваше и за неа велеше дека му е и татко и Господ. Откако почина ѝ посвети и песна.
За татка си, пак, ретко зборуваше. Дури знаеше да рече: ‘Никогаш не сум имал татко’. Во една прилика, кога си ја отвори душата за него, кажа дека не му е лут за ништо, дека така требало да биде.
„Мојот татко го изгубив на осумгодишна возраст, а до тогаш, како ме држи меморија, го имав видено не повеќе од десетина пати. Беше архитект и знам дека патуваше многу, а долго време живееше во Братислава, тогашна Чехословачка, каде што еднаш и бевме со мајка ми на посета. Знам дека бил боем, се викал Иван Блажев, а го викале Ванчо Копанот. Дебармаалец, добар човек. Криво ми е што не ми раскажувале повеќе за него, но по тоа што носам во себе од гените, кои се точно 50-50 од мајката и таткото, верувам дека сум земал позитивни работи. Ако мајка ми беше борец, чесен човек и прав верник кон Бога, од него сум наследил кликер за бизнис, однос со луѓе и неоткажување во секој бизнис“, раскажа Панчо во едно интервју.
* Забрането копирање

