„Јас сум навикната до мене секогаш да стои Маријана. Ве молам, еден аплауз за неа“, низ солзи кажа Росана Сариќ-Тодоровска на ревијалната вечер на годинашниот јубилеен „Макфест“.
Таа без нејзината сестра близначка Маријана Новачевска го отпеа евергринот „Признавам“ кој го снимија во далечната 1988-ма.
Маријана одамна живее и работи во Австралија, но таа не е единствената блиска личност со која Росана повеќе се гледа на камера, отколку во живо.
Пејачката неодамна откри дека и нејзината ќерка повеќе не живее во Македонија. Ивана сега е во Англија, па ретко ги гледа и внуците.
„Можеби за Нова Година или Божик пак ќе ни дојдат. Па и ние ќе отидеме таму. Само знам дека е тешко, особено на мене, бидејќи некако цел живот само дочекувам и испраќам на аеродром. Тоа навистина е многу тажно, тешко ми е на душата, но не сакам да зборувам бидејќи солзите сами ми течат“, кажа Росана во кратко интервју за порталот „ММС“.


