Анастасија Ѓорѓиеска, мајката на Андреј од „ДНК“, отворено проговори за нејзиниот син кој животот го загуби во трагедијата во Кочани.
Таа беше гостинка во поткастот на „Слободен печат“ и со насолзени очи зборуваше за своето чедо.
За хуманоста што ја гаел уште од детството кога играчките им ги подарувал на маалските другари, за деновите кога служел војска, за нивното заедничко патување на Санторини, но и за кобниот ден кога дознала дека повеќе го нема, Ѓорѓиеска првпат зборуваше пред камера.
На прашањето какви сознанија има за моментите кога нејзиниот славен син се враќал во дискотеката за да спасува деца таа покажа помешани чувства.
„Една новинарка, ќерка на наша многу добра пријателка, во МРТ работи, ги води вестите.. она ѝ кажала на мајка ѝ дека го видела Андреја на снимките таму дека се враќал. Сега, малку ми е чудно, поминаа месеци.. од тие што ги спасил мене никој не ми се јави. Од една страна бев горда, од друга страна, како поминува време, сум малку разочарана.. единствено некој кај снаа ми ако се јавил“, раскажува таа.

