Драгица Стевковска конечно се враќа на малите екрани.
Новата сезона на нејзиното кулинарско шоу „Готвиме со Дракче“ ќе стартува на Канал 5 на 17 ноември.
Таа денеска гостуваше во утринската програма на истата телевизија, а освен за емисијата, зборуваше и за тешките животни предизвици со коишто се соочи неодамна.
„Дракче е научена да оди по еден трнлив пат кој се однесува на здравјето, но овој пат проблемот не беше здравствен во смисла на болест. Не стануваше збор за болест што го нападнала мојот организам. Се случи несреќа – паднав по скали. Мислев дека нема ништо сериозно, дека ќе помине, но по две недели се појавија првите симптоми – вртоглавици, повраќање – и кога направивме рендген снимка, ми кажаа дека итно морам на кардиологија, затоа што срцето само што не експлодирало“, раскажа Дракче.
Откри дека морала да го санира срцето цели три месеци, а никој не знаел низ што поминува, бидејќи секојдневно доаѓала на работа, насмеана, снимајќи емисии, пречекувајќи гости и дружејќи се со колегите. Но, потоа работите се влошиле.
„Продолжи терапијата со инекции, коктели, масажи, со стотици алтернативни методи. Сè додека не се онесвестив овде, во самото студио. Кога направивме компјутерска снимка, се виде дека всушност шест месеци сум работела со скршено колено, другото напукнато. Кичмата во ужасна состојба. Станав тежок пациент“, раскажа Стевковска.

