Свети Архангел Михаил се смета за жив светител, па поради тоа многу верници мислат дека за овој празник не се подготвува славска пченица. Дали навистина е така?
Блаженоупокоениот Патријарх Павле се изјасни на оваа тема во својата книга „Да ни станат појасни некои прашања на нашата вера“.
Житото не се приготвува за светците кои умреле, туку, како што се вели во самата молитва за осветување на коливото, свештеникот се моли коливото да се принесува во слава на Бога, „во чест и спомен на светиот (се изговара името на семејната слава), и во спомен на оние што починале во благочестива вера“. Ова е најважниот дел од молитвата во кој се открива смислата на приготвувањето коливо за Крсната слава. Крсната слава со славскиот колач и коливото се принесува заради Бога и во чест на крсниот светител како заштитник на семејството.
Варената пченица не е симбол на смрт, туку на животот на оние што живееле и на оние што сега живеат во верата со Бога и со својата Крсна слава. Вистина е, исто така, дека сите светци се живи, зашто во Бога никој не може да биде мртов – Бог е Бог на живите, а не на мртвите. Погрешната практика најверојатно произлегла од фактот што житото се приготвува и за парастоси на упокоени ближни. Во двата случаи житото претставува жртва на Бога и ја симболизира православната вера во севкупното воскресение.
Таа жртва се принесува на Бога во името на оној светител или упокоен чиј што спомен се празнува тој ден, или на тој парастос. Дали станува збор за светител кој живеел па се упокоил, или никогаш не поминал низ биолошка смрт, како Архангел Михаил или Свети Илија, не прави никаква разлика во однос на жртвите што се принесуваат на Бога (славски колач, жито и вино).

