Тажна вест споделија од ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“.
Со длабока тага и огромна болка тие ја примиле веста дека починал нивниот поранешен кореограф и уметнички раководител Симеон Чулев.
„Симеон Чулев остави длабока и неизбришлива трага во македонската фолклорна уметност. Како кореограф и уметнички раководител на „Вапцаров“, тој со голема љубов, знаење и посветеност го градеше ансамблот.
Беше дел од нашиот ансамбл од 2003 до 2009 и повторно од 2013 до 2015 година, пред да го превземе раководството нашиот Мартин Цветковски.
Покрај неговиот придонес во „Вапцаров“, Чулев беше и поранешен уметнички раководител на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, а до последните денови остана активен како играч и пејач, живеејќи го фолклорот со истата страст како и во младоста.
Неговата уметничка креативност и љубов кон фолклорот се отсликуваат во кореографиите кои низ времето ја збогатија нашата уметничка ризница. Дела како „Лазаренки“, „На Мегдан“, „Егејка“, “Беломорски бисер”, „Пиринска роса“ и „Охридски игри“ остануваат како трајно сведоштво за неговата визија, талент и непоколеблива посветеност кон народното танцово изразување.

Чулев ја остави својата креаторска трага на сцените на Македонија, придонесувајќи за развојот и афирмацијата на македонскиот фолклор и култура на највисоко ниво. За нас, тој не беше само уметник – беше човек, учител, водич и инспирација. Делото што го остави зад себе продолжува да живее низ генерациите кои ги создаде, обучи и охрабри. Бог да го прости“, пишува во објавата.

