Петар Георгиевски-Камиказа, кој пред два месеца прв ѝ откри на јавноста дека Драган Б. Костиќ води животна битка, се прости од својот близок пријател со потресни зборови.
Фронтменот на групата „Меморија“ и легендарниот радиоводител биле во постојана комуникација.
-Пред неполна недела кроевме планови како треба да изгледа серијата за „Меморија“, се договаравме како треба да изгледа пресот во МКЦ на 22 декември.. Ме преплави со информации и работи кои јас сум ги заборавил и не сум знаел дека постојат. Учествуваше во мојот животен пат уште од диското „Турист“ во раните 70-ти кога пушти танго пред време, за да можам да поканам една девојчица која рано си одеше, уште тогаш ти станав должник.. Во 80-тите ја креираше мојата кариера, со многу пати пуштање песни од „Меморија“, кои по емитувањето едно стотина пати на „Диско селектор“ стануваа хитови или, што ти би рекол, безвременски. Беше дел од мојот живот такаречи секојдневно од кога се познаваме, а се познаваме најмалку пола век! Имам фермани да пишувам, но солзиве, мислите и раката ме издаваат, прости ми-напиша Камиказа на социјалните мрежи.

-И да, со Ристо кога ти ја донесовме „Дирлада“, беше првиот човек што ја чу. Рече имате безвременски хит и како што бива кога ти ќе речеше тоа и се случуваше! Уште еднаш нека ти е светол патот кон ѕвездите и бескрајниот мир во кој припаѓаш. Со Тоше Поп Симонов сега ќе имате многу што да поприкажете, и знам ќе речете, оној лудион доле уште исправа криви дрини, ама па затоа.. Толку простете-дополни музичарот.
Драган Б. Костиќ почина утрово по кратко боледување. За неговото лекување за кое проговори семејството, читајте на „Мастило“.

