За првпат во оваа сезона на музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“, во вториот круг беше забележан изедначен резултат 6:6, што значи дека, покрај жирито, и продукцијата им додели гласови на кандидатите.
Одличен настап на големата сцена имаа кандидатот на Цеца Ражнатовиќ, нашиот Иван Милевски (26) од Велес, како и пуленот на Дара Бубамара, Керим Пушило (22) од Горажде, кој од претходно ѝ е добро познат на публиката на ова натпреварување.
Иако директорот Горан Шљивиќ сакаше најпрво да ги сослуша коментарите на жирито пред да донесе конечна одлука за исходот од дуелот, мнозинството членови оценија дека тоа е непотребно, додека Ѓорѓе Давид остро реагираше, оценувајќи дека резултатот е нереален.

„Пушило, овој глас ти го дадов од почит. Ти си исклучително талентиран и харизматичен, но првата песна не беше соодветно отпеана. Доколку целиш кон високи тонови, мораш целосно да ги контролираш. Следниот пат, доколку се повтори ваков настап, нема да добиеш глас“, изјави Ѓорѓе Давид.
И покрај тоа што поголемиот дел од жирито предложи а капела натпевање, публиката гласно реагираше и побара двајцата кандидати да продолжат во трет круг. Директорот Шљивиќ ја прифати реакцијата на публиката, по што двата кандидати обезбедија пласман понатаму во натпреварувањето, а радоста ја споделија со своите менторки.

„Иван е вонсериски во секој поглед. Продолжуваме кон нови победи“, изјави Цеца Ражнатовиќ.
„Му благодарам на жирито. Керим поседува нешто навистина посебно и сигурна сум дека ќе го откриеме тоа до крајот на натпреварувањето“, додаде Дара Бубамара.

