Популарниот пејач, автор и фронтмен на групата „Суперхикс“, Петар Младеновски, вчера објави тажна вест на социјалните мрежи.
„Почина мојот татко (сопруг, дедо, свекор) Кочо (Никола) Младеновски“, напиша тој на „Фејсбук“.
Со трогателна посвета од својот свекор се прости и сопругата на Пеце, познатата актерка и музичарка Елизабета Клинчаревска Младеновска.
„Почина мојот свекор, Кочо (Никола) Младеновски, најпрекрасниот човек на светот кој ми беше како татко! Тој беше сопруг на неговата сакана Вера со која биле заедно 62 години, татко на мојот сопруг Пеце и мојот непрежален девер Диме, и најпосветениот и најдобар дедо на своите внуци Никола и Маша. А мене ми беше татко, другар,колега, како и најголемата карпа! Не знам дали и кога оваа страшна болка ќе помине, но знам дека сеќавањата нема никогаш да згаснат! Непроценливо е сето она што тој го има направено за нас и неговите внуци кои му беа основен двигател во животот! Неговата енергија, неговата духовитост, неговата посветеност, грижливост и милост, засекогаш ќе останат врежани во нашите срца.

Ќе продолжиме, токму онака како што тој нас не учеше.. Со храброст и челична воља! А неговата книга, која со голема посветеност ја пишуваше, ќе блесне во скора иднина!“, напиша таа.

