Падна првото запросување во новата 2026 година. И тоа не било какво, туку спектакуларно.
Главните ликови во оваа исклучително оригинална романтична приказна се двајца Македонци, искусни планинари, кои живеат и работат во Германија.
Првото изгрејсонце во новата 2026 година на врвот Пелистер (2601 м.н.в.) донесе многу повеќе од магични бои и свеж почеток – донесе и вечна љубов. Имено, искачувањето „Први на Први“ оваа година беше одбележано со романтичен гест кој сигурно ќе остане врежан во историјата на овој традиционален настан, јавува битолската телевизија Тера.
И покрај екстремно отежнатите услови, со температури од -28°C и силен ветар кој достигнуваше брзина од околу 50 km/h, планинарот Дарио Петровски ја искористи можноста и на највисоката точка на планината Баба ја запроси својата сакана, Мишела Панајотова.
„Беше потребно да се вложи многу повеќе сила за да се совладаат алпските климатски услови кои ги имаше ова утро на Пелистер. Сепак, магичните бои на првото изгрејсонце во 2026 беа одлична можност за Дарио Петровски на 2601 м.н.в. да ја запроси неговата сакана Мишела Панајотова,“ вели организаторот на овој традиционален планинарски потфат.

