Жална вест споделија членовите на ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“.
Со длабока тага и неверување споделија дека прерано ги напуштил нивниот долгогодишен член, Марко Јовановски.
„Тој беше дел од „Вапцаров“ уште од својата најрана возраст – од само пет години, кога со детска љубопитност и чиста радост го направи првиот чекор во фолклорот и стана дел од семејството на Вапцаров. Растеше заедно со ансамблот, со сите членови од претходниот прв ансамбл и несебично придонесуваше сѐ за ансамблот. Настани, концерти,турнеи и безброј моменти низ кои помина нашиот ансамбл. Со посветеност и со бескрајна љубов кон традицијата. Подоцна се приклучи и на сегашниот прв ансамбл, каде што со своето претходно искуство несебично го пренесуваше знаењето на новата генерација прв ансамбл. Со збор, со пример и со насмевка им ги пренесуваше сите поминати моменти, сите лекции што животот и сцената го научиле.
Пред сè, тој беше човек. Човек кој секогаш ги ставаше другите пред себе, кој знаеше да подаде рака кога најмногу треба, да сослуша, да охрабри и да биде потпора. Беше активен член, посветен и присутен до самиот последен момент, без да штеди сила, време или енергија.
Она што засекогаш ќе остане врежано во нашите срца е неговата способност, во секој момент, да го насмее секој човек. Да ја врати атмосферата, да внесе светлина и топлина дури и во најтешките мигови. Тоа беше негов дар – нешто што не се учи и не се заменува. Неговиот дух, неговата смеа и неговата човечност ќе останат празнина што никој никогаш нема да може да ја пополни.
Ние сме во шок и длабоко неверување што нè напушти на само 25 години – премногу рано за еден живот полн со соништа, планови и љубов. Ќе живее во нашите сеќавања, во секоја игра, во секоја проба, во секој чекор што ќе го направиме на сцената, во секој момент на смеа“, пишува во објавата.

