Виктор Димитриевски (47) од Куманово приреди вистински музички спектакл во шоуто „Никогаш не е доцна“, каде покрај талентот за пеење покажа и талент за глума.
Особено емотивен беше моментот кога запеа со својот татко.
Во разговор за „Гранд“ тој открива зошто одлучил токму со татка си да настапи во ревијалниот дел, но и зошто неговата сопруга не ја сака музиката.
„Ми беше мерак татко ми да запее во оваа емисија, имав голема желба да запееме заедно, затоа што тоа постојано го правиме дома, кога има некакви славја. Сега сакав тоа да се сними“, вели Димитриевски.
За време на настапот Виктор покажа и одлична глумечка умешност, кога среде натпреварот рецитираше стихови од Бора Станковиќ.
„Јас сум од Куманово и Врање ни е многу блиску и тој стил, мелодија и говор ни се многу блиски. Мислам дека испадна супер. Инаку, знам да рецитирам. Ја гледав публиката како внимателно следи, што значи дека го држев вниманието“, раскажува Виктор.

Љубовта кон глумата не му е случајна.
„Кога си уметник, тоа не е професија, туку животен повик. Музиката секогаш доаѓа во прв план. Музиката и глумата одат заедно, а јас малку се испраксирав. Ги имитирав добрите актери“, вели тој.
Македонскиот пејач сега откри и зошто неговата сопруга не е фан на музиката.
„Мене и неа само музиката не ни е заедничка љубов, сè друго ни е. Сигурен сум дека се радува на моите успеси и што сум овде. Таа осмисли сè што оди – настапот… Да имаше помалку трема, сигурно ќе беше придружба во емисијата. Сигурен сум дека сега во бекстејџот држи палци за мене“, вели Димитриевски.

