Македонската православна црква и нејзините верници на 18 јануари го одбележуваат зимскиот Крстовден, празник кој му претходи на Богојавление. Овој ден е посветен на споменот на првите христијани и се одбележува со строг пост.
Зимскиот Крстовден е тесно поврзан со Богојавление, крштевањето на Исус Христос и Свети Јован Крстител, кој во реката Јордан го крстил Синот Божји.
На Крстовден во православните храмови се служи Литургија на Свети Јован Златоуст, заедно со обредот на големо осветување на водата, кој е составен дел од празничното богослужение. По осветувањето, крстовденската водичка им се дели на верниците и, според обичајот, се чува во домовите за здравје, бидејќи се верува дека има исцелителна моќ за душата и телото. Затоа секој верник чува помала количина од оваа вода и ја користи само во посебни прилики.
Според народните обичаи, на Крстовден е пожелно да се испере целиот веш и темелно да се исчисти домот. Постот тој ден строго се почитува и претставува прв пост по Божиќ, бидејќи дотогаш важело разрешување поради големиот празник. Оттука и познатата народна изрека: „Кој со крст се крсти, тој Крстовден пости“.
На Крстовден задолжително се пости, а според народното предание, на тој ден се „вкрстуваат“ ветровите, поради што се очекува лошо време. Според народните верувања, правецот на ветерот што дува на Крстовден се смета за најава на ветровите што ќе преовладуваат во текот на целата година. Исто така, се верува дека во дванаесетте дена, почнувајќи од Божиќ па заклучно со Крстовден, се огледуваат сите дванаесет месеци на наредната година, и дека временските прилики на секој од тие денови укажуваат каков ќе биде соодветниот месец.
Хроничарите бележат дека на Крстовден некогаш се јаделе остатоци од бадниковиот грав, како и дека се подготвувале пихтии. Меѓутоа, бидејќи Крстовден е посен ден, овие јадења се консумирале наредниот ден, на Богојавление.

