Топ-тема во сите српски медиуми утрово е Даниел Кајмакоски.
Тие информираат дека македонскиот пејач кој победи во регионалното шоу „Икс фактор“ бил жртва на киднапирање во близина на Бетон сала во Белград, по што следувала полициска потера што завршила со сообраќајна несреќа во близина на Рума.
Според написите, непознати лица го врзале и го возеле во неговото возило, при што од него наводно барале сума од 20.000 евра.
Извор за „Курир“ тврди дека осомничените се странски државјани и дека не е исклучена можноста да станува збор за мигранти.
Други медиуми, пак, неофицијално јавуваат дека според истрагата станува збор за двајца вооружени турски државјани кои наводно го пресретнале пејачот, го натерале да влезе во автомобил упатувајќи му смртни закани и се обиделе да изнудат огромна сума пари.
Полицијата набрзо добила дојава за сомнително движење на возило, а потерата кулминирала на автопатот во близина на Рума. Сфаќајќи дека патролите се зад нив, киднаперите забрзале, што довело до губење на контролата врз автомобилот. Автомобилот на пејачот со голема брзина удрил во заштитната ограда. Во општиот хаос по несреќата, двајца турски државјани успеале да избегаат во блиската шума, искористувајќи ја темнината и непроодниот терен.
Полициските службеници кои први пристигнале на местото на несреќата наводно затекнале ужасна сцена. Кајмакоски бил врзан за седиштето, во состојба на тежок шок, но за среќа без повреди опасни по живот. Веднаш му била укажана медицинска помош, а набрзо на местото на настанот пристигнале и специјални единици на Министерството за внатрешни работи.
Полицијата ги блокирала сите клучни патишта во Срем, а во операцијата се вклучени кучиња трагачи и беспилотни летала.
Српски „Телеграф“ објави и снимка од возилото со кое наводно е киднапиран пејачот.
Кајмакоски е роден во Струга, а на шестгодишна возраст се пресели со своите родители во Виена, каде што порасна. Откако се прослави во шоуто „Икс фактор“ доби шанса да ја претставува Македонија на Евросонг.
Моментално живее во Белград со сопругата Марина со која ги има синот Стефан и ќерката Емилија.
Кајмакоски има уште еден син, Давид, со манекенката и пејачка Кристина Димитриевска.

