Денес се навршуваат четири години од смртта на докажаниот македонски музичар Тоде Новачевски.
Неполна година пред да почине, Новачевски како никогаш дотогаш си ја отвори душата и проговори за заканите по живот откако се преселил во Австралија, за разводот со пејачката Маријана, но и за болеста.
„Животот во Австралија мене лично ме измени до тој степен, да се осеќав како губитник на кој не му успева апсолутно ништо, ни да си најди работа во својата професија, ни да го заштити своето семејство од разно разни глупости кои доаѓаа од примитивци кои не принудија да одиме дури и по австралиските судови, ни од заканите по живот кои ни стигнуваа напишани на наш македонски јазик, ни од стравот дека целата работа и нашиот скромен имот ни виси на конец од истите тие луѓе кои ни доаѓаа на кафе и ни изигруваа пријатели.. Ете тоа мене лично ме направи неспособен за компромис и за пребродување на кризата во нашата врска. А јасно е дека без компромс, врски не постојат“, кажа тогаш Новачевски за разделбата со Маријана за „Свет Австралија“.
Во тој период се опоравуваше од тешката болест.
„Иако мојот рак на белите дробови нема никаква врска со Ковид 19, почетокот на проблемот и развојот на болеста беа скоро исти. Од една страсна инфекција добиена заедно со грип и после недобро направена дијагноза, за неколку месеци стигнав до внатрешно крварење, до рак на крвта и до метастази кои ме раздрмаа и физички и психички до максимум“, раскажа Новачевски во тоа интервју.

За авторот на евергрините „А од љубов не се бега“, „Признавам“, „Ако не исчезнам“ и „Свири ми брате цигане“ подоцна проговори и неговата поранешна сопруга.
„Последните денови од неговиот живот ми ја распараа душата и ќе ги паметам додека сум жива. Секој ден одев болница и додека можеше да јаде и пие го хранев. Цело време ме држеше за раце. Многу ми е тешко, многу жално и потресно“, беше дел од потресното сведоштво на Маријана.

„Тоде трпеше голема болка и последните денови му ја дуплираа дозата. Пред крајот лекарот ми кажа дека тој веќе не е свесен за да контактира со нас, но дека може да не слушне. Тогаш, му ставив слушалки и на мобилниот му ги пуштав сите наши заеднички песни за да ги слуша. Беше премногу слаб за да реагира, само му течеа солзи низ образите. Плачеше тој, а плачев и јас. Се изнаплакавме заедно во болница. Тешко е, многу е тешко, и за мене и за децата и за целото семејство. А најмногу е тешко за него, истрпе многу големи болки. Животот навистина пишува романи, а секоја страничка е борба и надеж. Ние сите никогаш не престанавме да го сакаме нашиот Тоде“, раскажа Маријана за ММС.

