Стојанче Јовановски, сопруг на 31-годишната жена, која заедно со своето шестгодишно дете починаа по пад од балкон во Карпош, молчејќи и со правење гримаси влезе во суд, објави „Скопје 1“ на својот инстаграм-профил.
На снимката што ја објави истиот портал може да се слушне како новинарот Кристијан Ландов го прашува дали станал поголем маж со насилството кое седум години го трпела Ивана, како што тврди Обвинителството.
„Ќе признаете било каква вина или ќе се смеете уште“, го прашува Ландов.
Јовановски не одговара. Само молчи, мавта со главата и прави гримаси.
За него судот извести дека останува во притвор уште осум дена. Осомничен е за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.
Трагедијата во скопската населба Карпош во која починаа Ивана Јовановска и шестгодишна ќерка Катја ја згрози домашната јавност која како излегуваат нови детали за случајот од ден на нед е уште пореволтирана.
Според обвинителството, постои основано сомнение дека осомничениот, сопруг на починатата со кого таа била во бракоразводна постапка, во периодот од 2019 година до 2 март континуирано ја малтретирал физички и психички, ја навредувал, тепал и понижувал, нанесувајќи ѝ видливи повреди по телото.
Според прибраните докази, ваквото однесување се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година, поради што Ивана Јовановска се нашла во безизлезна состојба и донела одлука да си го одземе животот. Таа ја земала во раце својата шестгодишна ќерка и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој живееле.

