Младиот гитарист и пејач Горан Тонев (25) кој го преживеа пожарот во Кочани првпат детално раскажа за несреќата.
Тој открива дека од импровизираната дискотека излегол со многу повреди и навистина мислел дека го губи животот.
Раскажува дека во тие моменти му помогнала девојка по име Моли, која заедно со нејзината мајка го пренела до болницата во Кочани со приватно возило.
По речиси еден месец поминат во вештачка кома и долготрајно лекување во Солун, тој сега се присети и на тие моменти.
„Имам некое сеќавање од тој период, исто како да сонуваш, но континуирано. Кога се разбудив и првпат го прашав мојот татко кој датум сме, тој ми кажа дека е 16 април. Не можев да зборувам како што треба поради изгорениците на дишните патишта, имав поставено трахеостома“, раскажува Тонев.

