Почина во јули 2023 година од хронична опструктивна белодробна болест и астма во комбинација со лесна инфекција на долните дишни патишта.
Имаше само 56 години и хит-песна со која стана омилена пејачка на многумина.
Кога во 1990 година го објави синглот Nothing Compares 2 U потпишан од легендарниот Принс веднаш стана светска ѕвезда. За жал, прерано го напушти овој свет за кој често зборуваше дека е неправеден и суров.
Само 18 месеци пред да почине, кантавторката го загуби 17-годишниот син Шејн кој си го одзеде животот.
„Мојот убав син, светлината на мојот живот, реши да стави крај на својата земна борба и сега е со Бога. Нека почива во мир и никој да не го следи неговиот пример. Драг мој. Те сакам многу“, напиша тогаш Шинејд на социјални мрежи.
Позади себе остави уште три деца, синот Џејк Рејнолдс и ќерките Роисин и Јешу.

Во 2018 година О’Конор објави дека преминала на ислам и дека нејзиното ново име е Шухада. Во објава на Твитер, таа тогаш им се заблагодари на сите муслимани на поддршката.
„Со голема гордост можам да објавам дека сум станала муслиманка. Мојата одлука е природен заклучок на патувањето на еден интелигентен верник. Отсега имам и ново име, ќе биде Шухада“, напиша, објавувајќи видео во коешто пее езан, односно муслимански повик за молитва.
О‘Конор, која и официјално го промени името во Магда Девит, и во минатото јавно зборуваше за религија. Таа предизвика големи контроверзи кога во 1992 година на американска телевизија искина фотографија од папата, а седум години подоцна стана свештеничка на одметнатата црква во Лурд, церемонија која не беше призната од католичката црква, бидејќи не прима жени во своите редови.
Пејачката долго време имаше проблеми со менталното здравје. Во едно интервју призна дека во детството мајка ѝ секојдневно физички и психички ја малтретирала.
Во кариерата објави десетина албуми, но никогаш не го повтори успехот на нумерата со која се прослави.

