Дубравка Киселички отсекогаш важеше за една од најубавите и најталентирани млади актерки во нашите приказни. Со своето присуство пленеше на сцената, оставајќи впечаток со секое појавување. Нејзината енергија беше топла, искрена и магична – токму онаква каква што ја памети публиката.
Низ годините, таа оживуваше најразлични ликови, принцези, самовили, селски девојки, попови ќерки – внесувајќи душа во секоја улога. Во 90-тите години беше особено популарна преку „Колозовите приказни“, а нејзиниот шарм и денес останува жив и сакан кај публиката.
Денес, приказната продолжува – но на еден уште поубав начин.
Нејзината ќерка, Пируника, чекори по истата патека и со право го освојува вниманието на јавноста. Таа не е само нејзина наследничка по изглед – вистинска копија на својата мајка – туку и по талент, посветеност и сценска магија. Амбициозна и самоуверена, Пируника со љубов ја избра актерската професија и веќе гради сопствен препознатлив уметнички пат.

Родена на 8 август 1996 година, Пируника дипломирала на приватниот Факултет за драмски уметности при ЕСРА во Скопје, во класата на професорот Мето Јовановски. Зад себе има значајни улоги во театарот, меѓу кои се издвојуваат:
– „Мама миа“ – мјузикл во режија на Наташа Поплавска
– „Галеб“ – драма во режија на Мето Јовановски.
Како дел од патувачкиот Театар „Колозов“, Пируника има одиграно над триста претстави низ Македонија. Публиката ја запозна преку улоги во претстави како „Љубопитната принцеза“, „Убавицата и ѕверот“, „Волшебната шума“ и многу други.
Особено е значајно што таа денес е дел од новите продолженија на „Македонски народни приказни“, каде на еден симболичен и мистичен начин се поврзува со улогите што некогаш ги играше нејзината мајка. Тоа создава чувство на континуитет, традиција и уметничко наследство кое продолжува да живее.
Пируника е вистинско мало чудо на сцената – со природен шарм, ретка убавина и искрен талент кој допира до публиката. Таа не само што ја продолжува приказната на својата мајка, туку создава и своја – полна со страст, посветеност и надеж.
И токму во тоа лежи најголемата убавина – кога уметноста станува мост меѓу генерации, а љубовта кон сцената се пренесува од срце на срце.
Фејсбук-статус на Горан Марковски објавен на фејсбук-страната Ѓорѓи Колозов

