Ева Нединковска пред еден месец му кажа „ДА“ на своето момче.
Поранешната македонска пејачка ќе се мажи по вторпат, а сега раскажа кој е нејзиниот иден сопруг и како се запознале.
„Филип е човекот по моето срце. Едноставен и приземјен, а редок, посебен и надарен со многу дарови. Ме освои со неговата широчина, храброст, цврстина, одлучност, интегритет, вера, проактивност… со тоа што е Христов следбеник и што тоа можам да го видам во неговото секојдневно делување и однос кон мене, кон ќерка ми Ена и кон сè што прави. Инаку, по професија е машински инженер и работи роботика во странство.

Нè запозна неговиот татко, кој е пастор во христијанска црква и кој предложи да испиеме кафе. Со неговите родители се знам со години преку мојата работа како менаџер на Центарот за обука ЕВА, но не бев запознаена со нивната приватност и… со фактот дека имаат прекрасен син“, откри Нединковска во интервју за „Слободен печат“.
Од претходниот брак таа ја има ќерката Ена.
Нединковска ја започна музичката кариера во 2003 година. Имаше неколку забележителни фестивалски настапи, сними и албум, а публиката најмногу ја памети по хитовите „Енигма“ и „Таан и мед“.
Сега е успешна претприемачка.

