Македонија е се’ уште вознемирена од грозоморното убиство коешто пред два дена ја потресе Битола.
Во раните утрински часови со неколку убоди од нож беше убиена 31-годишна жена, мајка на четири деца.
Според првичните сознанија, ја убил нејзиниот сопруг во 6 и 40 часот во населбата Баир на ул. „5-та“. Како причина за фемицидот се наведува семејна расправија и недоразбирања кои траеле подолг период.
Осомничениот 33-годишник е лишен од слобода.
,,Осомничениот А.Р. во 06:40 часот, со нож ја нападнал неговата сопруга А.В. со која живееле заедно. Од здобиените повреди А.В. починала во семејниот дом, а смртта ја констатирал лекар од Службата за итна медицинска помош“, соопштија од СВР Битола.
На социјалните мрежи се појави и слика од жртвата. Станува збор за битолчанката Ајнет Вејсел.

Соседите и роднините на убиената велат дека жената подолг период трпела насилство. Според нивните сведочења таа не го пријавувала насилникот оти се плашела за безбедноста на своите деца.
ОЈО Битола издаде наредба за обдукција за починатата, а од лице место се подигнати траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење.

