Веќе трет ден апликацијата „МојДДВ“, со која граѓаните скенираат сметки за да добијат поврат на ДДВ, не функционира.
Граѓани се жалат дека апликацијата постојано покажува дека нема „конекција со УЈП“ и со тоа им се ускратува правото на зголемен поврат на ДДВ.
Сега конечно се огласија од УЈП.
„Ве информираме дека апликацијата МојДДВ моментално функционира со повремени забавувања. Нашите тимови активно работат на утврдување на причините и на надминување на предизвиците, со цел што поскоро да се обезбеди нејзино непречено функционирање. Ви благодариме за трпението, разбирањето и довербата“, велат оттаму.
Во последната година оваа мерка, која е многу популарна кај граѓаните, постојано доживува проблеми и доцнење со исплатата.
Од УЈП се правдаат дека сето ова е поради технички проблем, без да наведат и други причини.
Во неколку наврати од директорката на Управата беше кажано дека оваа мерка не ја исполнило својата цел, иако, засега, не планираат да ја укинат.

