По бројните шпекулации што се појавија по нивното раскинување, водителката и инфлуенсерка Ева Јовановска за првпат отворено зборуваше за љубовната приказна со Александар Динев.
Таа гостуваше во подкастот „Полиграф“ на јутјуберот Стефанатор и стави крај на гласините дека нивната врска била создадена само за публицитет.
Ева потенцираше дека нивниот однос бил вистински и дека никогаш не се работело за маркетиншки потег.
„Тоа не беше маркетинг. Тоа беше најубавата врска во која сум била досега“, изјави Ева, додавајќи дека сè што споделувале со јавноста било природен дел од нивниот живот, а не однапред осмислена стратегија.

Иако нивната љубовна приказна заврши, водителката не крие дека периодот поминат со Динев ќе го памети по убавите моменти. Таа признава дека разделбите никогаш не се лесни, но верува дека секое животно искуство носи важни лекции.
„Сметам дека љубовта не исчезнува така лесно и ќе треба време дали да исчезне, дали да премине во некоја друга форма на љубов, но ќе излажам ако кажам дека не сум сè уште заљубена“, кажа Ева.
Во изминатиот период Ева и Александар беа меѓу најследените парови на домашната сцена, а нивните заеднички фотографии и видеа редовно привлекуваа големо внимание на социјалните мрежи. Токму затоа, по раскинувањето, многумина се прашуваа дали нивната врска била искрена или дел од јавен имиџ.

