Македонскиот пејач и поранешен финалист на „Ѕвездите на Гранд“, Огнен Здравковски, ја објави својата нова песна „До неба“, со која по една година пауза најавува сосема ново поглавје во својата кариера.
Станува збор за проект на кој работел повеќе од шест месеци и кој носи поинаков музички израз од сè што досега создавал.
Публиката го памети како еден од највпечатливите натпреварувачи во сезоната во која до финалето го водеше Марија Шерифовиќ. Но, наместо по големиот телевизиски успех веднаш да започне со објавување нови песни, Огнен направи потег што денес ретко се гледа на естрадата – почека да сними музика зад која може безрезервно да застане.

Токму затоа „До неба“ за него не е само уште еден сингл.
– Оваа песна е почеток на сè што доаѓа. Во изминатиот период не сакав да објавувам музика само за да бидам присутен. Го чекав вистинскиот момент и песната што ќе го покаже правецот во кој сакам да се движам – вели Огнен.
Новата нумера носи и промена во звукот. По години во кои беше препознатлив по поп-музиката, овојпат реши да направи исчекор и на публиката да ѝ понуди етно-поп, што, како што признава, не било лесна одлука.
– Искрено, единствено се плашев како луѓето ќе реагираат на промената. Досега снимав поинаква музика, но првите реакции покажаа дека публиката ја препозна емоцијата, а тоа ми дава дополнителен ветер во грб – искрено вели пејачот.
Малкумина знаат дека Огнен со музика почнал да се занимава уште како шестгодишно момче, свирејќи виолина. Подоцна завршил средно музичко училиште, а потоа и Факултет за музичка уметност на отсекот за оперско пеење, па зад неговиот глас стојат години образование и посветена работа, а не само талент.

На прашањето дали по „Ѕвездите на Гранд“ некогаш помислил да се откаже од музиката, одговара без двоумење:
– Никогаш. Тоа никогаш не ми паднало на памет, ниту пак некогаш ќе ми падне. Ќе пеам додека сум жив – порачува тој.
И тука неговата приказна не завршува. „До неба“ е само првиот чекор. Веќе се подготвуваат нови песни, а паралелно работи и на својот прв студиски албум, кој треба да биде објавен следната година.
По години учење, телевизиско натпреварување и работа далеку од рефлекторите, Огнен Здравковски верува дека токму сега доаѓа времето на публиката да ѝ го покаже своето вистинско музичко лице.

