Веста за неговата прерана смрт длабоко ги потресе семејството, пријателите и музичките колеги
Беше познат по магијата што ја создаваше на клавијатурите и по позитивната енергија со која го исполнуваше секој настап и секој простор
Во стравична сообраќајна несреќа, која се случила на 28 август во вечерните часови на магистралниот пат Зворник–Милиќи, животот го загуби 22-годишниот Славен Илиќ, талентиран клавијатурист и член на музичкиот состав MIX BAND.
Веста за неговото трагично и прерано заминување ги скрши срцата на членовите на семејството, бројните пријатели, но и на колегите од естрадата. Особено потресно од младиот музичар Славен Илиќ се простија неговите најблиски соработници од бендот, со кои со години ја делел сцената, настапите и бројните патувања.
Тие во својата емотивна објава истакнаа дека со неговото заминување не останале само без врвен клавијатурист, туку пред сè без брат, верен пријател и човек кој им бил најголема поддршка и потпора во животот.
„Тешко е да се пронајдат зборови кога ќе замине некој кој беше срцето и душата на нашиот бенд. Ние не го загубивме само нашиот клавијатурист, туку и брат, потпора и пријател со кого ги делевме најубавите моменти на сцената и надвор од неа. Твоите прсти создаваа магија на клавијатурите, а твојата насмевка и енергија ја исполнуваа секоја просторија и секоја свирка.

Ти благодариме за секоја нота, секоја песна, секоја смеа и сите километри што ги поминавме заедно. MIX BAND никогаш повеќе нема да звучи исто без тебе, но ветуваме дека преку музиката засекогаш ќе го чуваме споменот на тебе. Почивај во мир, драг наш брате. Твојата музика продолжува да живее во нашите срца“, порачаа членовите на бендот.

