Септември е вистинското време за подготовка на зимница. Пазарните тезги тогаш се полни со црвени пиперки, додека од дворовите и кујните се шири мирисот на печени пиперки.
Почнува сезоната на ајвар, пинџур и други домашни специјалитети, поради што пиперката често се купува на гајби. Меѓутоа, изборот на пиперка е многу важен, бидејќи за квалитетен ајвар не се добри баш сите сорти.
Пиперката наменета за ајвар би требало да биде месната, слатка и целосно зрела. Само такви плодови можат да дадат густ, вкусен и богат намаз.
Не е секоја црвена пиперка подеднакво погодна за подготовка на ајвар, исто како што ни секоја бабура не е најдобар избор за полнење.
Сортите меѓусебно се разликуваат по дебелината на месото, количината на вода, вкусот, обликот и начинот на кој реагираат на печење и готвење. Поради тоа, добро е пред купувањето да размислите што точно планирате да подготвувате.
Кај ајварот правилниот избор е особено значаен. Ако пиперката содржи многу вода и има тенко месо, ќе биде потребно значително повеќе време за нејзино варење и згуснување, а количината на готов ајвар ќе биде помала.
Која пиперка е најдобра за ајвар и густа зимница
За подготовка на добар домашен ајвар најдобро е да избирате целосно зрели, меснати пиперки.
Куртовска капија: Оваа пиперка со причина се смета за еден од најдобрите избори за подготовка на ајвар. Препознатлива е по издолжениот и благо сплескан плод, интензивната црвена боја кога е целосно зрела и пријатниот, сладок вкус. Особено е ценета бидејќи одлично поднесува печење и е многу погодна за преработка.
Амфора: Уште еден добар избор е оваа крупна и месната пиперка со карактеристичен сплескан облик. Благодарение на богатото месо, добро поднесува термичка обработка, а по печењето дава одлична основа за густ и вкусен ајвар.
Црвена рога (шила): Често се избира за подготовка на зимница. Се одликува со долгнавест облик, сладок вкус и меснат плод. Нејзината предност е во тоа што може да се користи на различни начини — освен за ајвар, одлична е и за печење, салати, сатараш и други видови зимница.
При купувањето не треба да се водите само по големината и бојата на пиперката. Големиот плод кој содржи многу вода нема нужно да даде подобар резултат од нешто помала, но помесната пиперка. Што повеќе месо остане по печењето, а помалку течност која треба да се испарува, толку подготовката на ајварот ќе биде поедноставна и побрза.
Како на пазар да ја препознаете добрата пиперка за ајвар
За ајвар избирајте целосно зрели плодови со уедначена и интензивно црвена боја. Пиперката треба да биде цврста на допир, без меки делови, вдлабнатини, поголеми оштетувања и знаци на расипување.
Плодовите кои се тешки во однос на својата големина најчесто имаат добро развиено и сочно месо. Кога купувате поголема количина, корисно е да го прашате продавачот која сорта ја нуди, бидејќи самиот изглед на пиперката не е секогаш доволен показател за квалитетот.
Добро е да избирате пиперки со приближно иста големина, бидејќи така рамномерно ќе се испечат. Ако во иста тура се најдат многу ситни и крупни плодови, помалите можат да прегорат додека поголемите сè уште не омекнале доволно.
Спепенот на зрелост исто така игра важна улога. Зеленкастите делови и недоволно зрелите плодови имаат поизразен и помалку сладок вкус, додека целосно црвената пиперка ги дава аромата и сладоста кои најчесто се очекуваат од класичниот домашен ајвар.
За полнети пиперки сепак изберете бабура со средна големина
Пиперката која е одлична за ајвар не мора да биде најдобар избор за полнење. Кај подготовката на полнети пиперки многу поважни се обликот и цврстината на плодот.
Бабурата со средна големина најчесто се покажува како најпрактичен избор. Нејзината внатрешност е доволно пространа за лесно да се наполни со смесата од месо и ориз, додека ѕидовите се доволно цврсти за да го задржат обликот во текот на готвењето.

