Цвеклото е вистинска мала ризница на здравјето.
Богато е со фолати, влакна, витамини и минерали, а особено се издвојува по природните нитрати кои можат да придонесат за подобра циркулација и нормален крвен притисок.
Содржи и силни антиоксиданси, како што е беталаинот, кој му ја дава карактеристичната црвена боја и помага во заштитата на клетките од оксидативен стрес.
Домашниот сок од цвекло е одличен избор за есенските денови доколку ви е потребна дополнителна енергија.
Потребни состојки:
2 кг домашно цвекло
1 кг шеќер и 3 кесички ванилин шеќер (нашите стари не го ставале ова, но се додава за мирис)
3 кесички лимонтус (лимонска киселина)
Подготовка:
Исечете го цвеклото: Добро измијте го цвеклото, излупете го и исечете го на тркалца. Во поголемо тенџере истурете 3 литри ладна вода и ставете ги тркалцата внатре.
Варете го: Почекајте да зоврие, намалете го огнот и оставете да крчка уште половина час. Водата ќе потемни и ќе се згусне.
Извадете го цвеклото: Тргнете го тенџерето од шпоретот и извадете ги варените парчиња. Не ги фрлајте, од нив можете да направите салата.
Додајте ги останатите состојки: Додека течноста е уште топла, додајте го шеќерот и мешајте додека сосема не се стопи. Потоа уфрлете ги ванилиниот шеќер и лимонтусот, па промешајте уште еднаш за сè да се соедини.
Складирајте го сокот: Врелиот сок тури го во чисти стаклени шишиња. Добро затворете ги, оставете ги полека да се оладат, а потоа ставете ги во фрижидер.

