Турското кафе делува како еден од оние напитоци кои не бараат никаква посебна вештина. Вода, кафе, ѓезве и неколку минути на шпорет – така повеќето од нас научиле да го варат.
Сепак, токму во тие едноставни чекори се кријат неколку навики кои можат да ги променат вкусот, аромата и количината на пена во филџанот.
Еден од најчестите обичаи е кафето повеќе пати да се враќа на шпорет и да се чека повторно да зоврие. Меѓутоа, според словенечкиот бариста Алеш Горенц, некогашен државен првак во подготовка на кафе, за добро турско кафе нема потреба од таква постапка.
Кафето оди во топла, а не во ладна вода
Според советите на баристата, подготовката започнува со топла вода. Во ѓезвето истурете топла вода, додајте фино мелено кафе и, доколку сакате, шеќер. Кога ќе ги соедините состојките, доволно е само еднаш да промешате. Потоа, лажичката повеќе не треба да ја враќате во ѓезвето додека кафето се загрева.
Кафето треба да се загрева полека, на умерена температура. На површината постепено ќе се формира слој (пена), а кафето ќе се загрева сè додека не се приближи до точката на вриење.
Клучот е во вистинскиот момент
Кафето повеќе немојте да го мешате. Загревајте го полека и тргнете го ѓезвето од оган штом ќе почнат да се појавуваат првите меурчиња и кога кафето ќе се приближи до точката на вриење. Немојте да чекате силно да преврие. Кога кафето силно ќе зоврие, тоа може да стане поизразено горчливо, а карактеристичната пена што се формира на површината може да се изгуби.
Откако ќе го тргнете ѓезвето од оган, почекајте околу една минута за талогот да се слегне, а потоа турете го кафето во филџан.
Значи, доколку досега турското кафе задолжително го враќавте на рингла неколку пати и чекавте секој пат да проврие, според овој начин на подготовка тоа всушност не ви е потребно. Најважно е бавното загревање, вистинската температура и добриот момент за тргнување на ѓезвето од оган. За филџан со изразена арома и подобра пена, најважно е да знаете кога да запрете.

