Една современа домаќинка, Драгана, пронашла начин нејзините прозорци во секој момент да блескаат, иако не ги допрела три години.
Нејзината исповед предизвика разни реакции, но она што е сигурно е дека нејзе по ова откритие ѝ е многу полесно во животот.
„Пред три години прочитав совет на еден портал ‘Како на лесен начин да ги измиете прозорците’. Денес, по толку години, можам да кажам дека блескаат со полн сјај, иако оттогаш не сум ги измила ниту еднаш. Посебно апелирам до младите жени да се разбудат, да го земат животот во свои раце и да се истргнат од општествено наметнатата норма наречена ‘домаќинка’“, рече таа, а потоа ја откри својата приказна.
„Имено, кога со Дамир се земавме, тој веќе беше вработен, додека јас го завршував факултетот. Некако се погоди со мојата диплома од факултет да стигне и Александра, нашата прва ќеркичка. Со Александра дојдоа и непроспиените ноќи, постпородилната депресија и многу нови обврски и грижи. Ни самата не знам како, но добив нова сила и постигнав детето да биде здраво и да напредува, станот да биде чист, а ручекот секогаш темпиран да излезе од рерна кога Дамир ќе дојде од работа.
Бев горда на себе бидејќи претставував вистинска домаќинка. Тогаш дојде Никола, нашето второ дете и син првенец. Ништо не се промени, работа имаше уште повеќе, а јас и понатаму сè постигнував со леснотија. Дамир имаше повеќе работа, се појавија и службени патувања, се гледавме поретко, но од друга страна имаше повеќе пари.
Во еден момент, додека ги миев прозорците, го заспивав детето и гледав ручекот да не загори, ми падна на памет да покренам еден мал бизнис на интернет. Низ две години работата на интернет се прошири толку што бев принудена да ја врагботам мојата најдобра другарка Ања, а бидејќи вработувањето на Ања се покажа добро, ја вработив и сестра ми Анела.
Што да ви кажам… Работа имаше преку глава, толку што не стигнував да им се посветам на домашните работи. Станот стануваше сè позапуштен, а прозорците беа толку валкани што избегнував да имам гости. Додека на интернет читав статија „Како на лесен начин да ги измиете прозорците“, ми падна на памет да ја замолам сосетката Сања да ми ги измие прозорците, како знае и умее.
Сања чисти станови веќе со години, но мене никогаш не ми паднало на памет да ја прашам нешто слично бидејќи секогаш сакав јас да бидам таа совршена домаќинка. Свекрвата веднаш негодуваше велејќи нешто во фазон дека „туѓа рака чешање не лекува“ и дека би било добро да ја намалам мојата работа и да ѝ се посветам на куќата, ако веќе не стигнувам и за едното и за другото.
Сепак одлучив да се обидам со сосетката и ја повикав. Сања работеше цел ден и станот повторно беше под конец. Кога ѝ платив и ја испратив, направив детална инспекција.
Додека ги гледав прозорците сфатив дека никогаш повеќе нема да земам крпа во раце.
Покрај сè тоа, се трудев да ја одржам и линијата и да му бидам убава на мојот маж. Во 10 часот навечер бев мртва уморна, а Дамир добиваше чист стан, убав ручек, здрави деца и труп од жена во кревет.
Кога сè ќе се одземе и собере, работата на домаќинката е толку невидлива и толку потценета. Единствено што жената може да добие се проширени вени, отечени нозе, висок притисок, шеќер… да не ја набројувам непрегледната листа на „признанија и ордени“.
Во својот бизнис вложив четвртина од енергијата што ми беше потребна за средување на станот и верувајте ми, драги мои, се исплатеше и преисплатеше!
Наместо да правам Сизифова работа, времето им го давам на моите деца и на мажот. Од неодамна сум горда мајка и на мојата втора ќеркичка Милица.
Свекрвата одамна ништо не коментира. Можеби „туѓа рака чешање не лекува“, но со сигурност фантастично мие прозорци и усисува!

