Православната црква на 14 февруари или на 1 февруари според јулијанскиот календар го слави Свети Трифун, како поим за младост и доследност кон христијанските традиции.
Свети Трифун на иконите е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски, а тој се смета и како покровител на меанџиите.
Во некои краишта овој празник е познат и како Св. Трипун пијаница. Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници.
Во повеќето краишта на Македонија, на денот на Свети Трифун рано наутро се одело в црква кадешто попот пеел молитва и светел вода. Луѓето со оваа вода, за која сметале дека е ослободена од демоните и има лековита моќ, ги прскале лозјата. Потоа лозарите закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш“.
Постои и обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата со цел да се забрза заминувањето на зимата.
На овој ден лозарите приредуваат и ручек и ги повикуваат и случајните минувачи, бидејќи се смета дека на домаќинот и целата куќа тоа ќе му донесе среќа.
Именден на денешен ден празнуваат Трифун, Трајан, Трајко..