Русија го одобри новиот антивирусен лек Коронавир за лекување на пациенти од Ковид-19, соопшти денес производителот R-Pharm.
Од компанијата наведуваат дека клиничкото истражување во кое биле вклучени случаи со благи или средни симптоми, покажа дека лекот е навистина ефикасен, пренесува „Ројтерс“.
Коронавир е еден од првите лекови во светот кој не се бори против компликациите предизвикани од SARS-CoV-2, туку против самиот вирус, стои во соопштението на компанијата.
Како што стои запишано во официјалниот извештај, постои подобрување кај 55 отсто од хоспитализираните случаи на седмиот ден од лекувањето на коронавирусот, во однос на 20 отсто лекувани пациенти со стандардна етиотропна терапија, што значи дека се лекува жариштето, а не симптомите.
Од R-Pharm наведуваат дека постои забележителна разлика во текот на 14 дена. До петиот ден со третманот е елиминиран коронавирусот кај 77,5 отсто пациенти кои го земале лекот, пишува „Танјуг“.