Една сосема обична кокошка на момент ѝ го развесели животот на Британката Анабел Малкахи, откако нејзиното „милениче“ снело јајце кое може да ѝ донесе дури 500 фунти (околу 36.500 денари).
Оваа домаќинка која веќе две децении вдомува напуштени и повредени птици, останала вчудоневидена кога здогледала заоблено јајце под една од „посвоените“ кокошки.
Љубовта кон животните таа им ја пренела и на своите деца кои ѝ помагаат да се грижи за птиците во нивниот дом во Западен Оксфордшир, пренесува „Метро“. Така, „златната“ кокошка го добила името Твински, по прекарот на една од нејзините ќерки.
Поради необичната форма, Анабел веднаш го пребарала јајцето на „Гугл“ и открила дека можноста кокошка да снесе такво јајце е едно во милијарда.
„Навистина е чудно, морав двапати да проверам. Веднаш го огласив на „И Беј“ и, верувале или не, веќе ми понудија 500 фунти“, открива таа.