Кога ќе се спомне прерано починатиот македонски пејач Тоше Проески, јавноста се’ почесто се прашува каде и што прави сега неговата менаџерка Лилјана Петровиќ која по трагедијата се повлече од јавниот живот и се врати во родната Србија.
Нејзиното последно јавно појавување се случи пред две години, кога гостуваше во утринската емисија на српската телевизија Прва.
Во таа прилика зборуваше за плантажите со лаванда, бизнисот на кој му се посвети по трагедијата на 16 октомври 2007 година.
На крајот од прилогот, водителот ја изненади со прашање за Проески.
– Дали на овие плантажи го пронајдовте мирот?
– Не го очекував ова прашање. Не, не можеш никогаш да пронајдеш мир. Можеш само да научиш да се носиш со тоа! – му одговори таа.
Тоше Проески загина на автопатот А3 кај Нова Градишка. Автомобилот кој го возеше Георги Георгиевски удри во товарно возило. На задното седиште беше токму Петровиќ.