Додека некои мислеа дека во Истанбул е на шопинг, таа беше на операција
Лила Филиповска неодамна во ексклузивното интервју за „Убавина и здравје“ првпат без заддршка проговори за канцерот на дојка, а сега на социјалните мрежи сподели фотографија и се присети како изгледала на само 30 минути пред зафатот кој го направи во Турција.
Нејзиниот нов инспиративен пост ви го пренесуваме во продолжение:
„Кој би рекол дека животот ќе ми се дели на „пред“ и „после“ оваа слика! Слика направена половина час пред мојата петчасовна операција на канцер на дојка. Сосема спонтано направена од моја другарка, а сега сосема случајно пронајдена во мојот албум со слики. И да.. оваа насмевка е искрена и многу зборува. Зборува за тоа дека воопшто не се плашев и не траоризирав. Зборува за тоа дека едвај чекав да се случи и да го продолжам патот на излекување! Добро прочитавте: Не патот на лекување, туку на излекување. Зборува за мојата решеност да го издржам и ова патешествие не баре сум тргнала да снимам уште една од моите емисии!
А денот студен, зимски ама сончев. Го сфатив тоа како добар знак. И беше!!! Без разлика на тоа што ноќта по операцијата бев во вистинска агонија, без разлика што проклетникот пуштил пипци и по лимфните јазли под пазувите и што имав закачено три дрена. Кога хирург како д-р Фатих Ајдован ќе ти каже дека ќе биде се’ во ред, едноставно знаеш дека треба да му веруваш. Имам уште многу да пишувам, ама не се’ одеднаш. А пишувам само заради Вас кои ја биете истата битка. Првиот чекор до победата е верувањето дека ќе победите! Без него нема да стигнете до вториот. Никој не вика дека ќе биде лесно, ама не заборавајте: светот ги памти само победниците!!!“.