Лила Филиповска денеска беше дел од панел дискусијата на еден познат скопски универзитет и повторно отворено зборуваше за канцерот на дојка кој успеа да го победи.
Познатата водителка и инфлуенсерка на настанот се појави со впечатлив аутфит.
„Отсекогаш розовата ми била една од омилените бои (иако ретко ја носам), а сега дефинитивно ми е најомилена. Па, јас сакам да го гледам светот со розови очила, така е многу поубав, така го гледав и периодот што е зад мене, а сега облеков розово за да ве потсетам драги мои дами редовно да се прегледувате и да не чекате, бидејќи раната превенција значи живот! Изберете живот и не заборавајте канцерот не знае ни кои сте, ни колку години имате, ни од каде доаѓате. Проверете се и уживајте во животот“, напиша Лила на „Инстаграм“ под фотографиите на кои позира во розово.
На панел дискусијата на тема „Дами, проверете се“ откри дека најтешко ѝ паднало кога за болеста требала да му соопшти на својот син.
„Тој ги чекаше резултатите од биопсијата. И кога ми ги кажаа резултатите, тој беше со мене и јас му реков: „Сине, канцер е, ама ќе го средиме“. Тоа беше најтешката работа што требаше да му ја кажам. Плачев два пати, еднаш кога помислив зошто јас и еднаш кога ми кажаа дека ќе ја изгубам косата“, кажа Филиповска.