Уште една семејна трагедија ги вознемири граѓаните
Родители на четири деца починаа од последици на Ковид-19.
Лидија (42) и нејзиниот сопруг Лоренс Родригез (49) ја изгубија битката со смртоносниот вирус, пишуваат локалните медиуми во Тексас.
Лоренс бил хоспитализиран во јули кога му бил и дијагностициран вирусот, а починал на почетокот од август. Неговата сопруга, пак, починала во понеделникот по едномесечна борба.
Доти Џонс, роднина на семејството Родригез, за „Еј-Би-Си 13“ вели дека двојката не верувала во вакцини.
„Се обидувавме да разговараме со нив, но таа тема едноставно не им се допаѓаше. Претпоставувам дека не веруваа во вакцините“, раскажува Џонс.
Таа открива дека Лидија почнала да го менува мислењето, но кога веќе завршила на интензивна нега и било предоцна.
„Пред да биде интубирана, една од последните работи кои ѝ ги кажа на сестра ѝ беше: „Те молам, вакцинирај ги децата“. Жалам што луѓето веруваат во дезинформациите што се шират“, дополнува таа.
Во меѓувреме е иницирана и кампања за донирање на средства за четирите деца кои останаа сираци.
„Овој кошмар може да стане реалност на секое семејство. Не се обидувам да ги плашам луѓето, само треба да сфатат дека вирусот постои, особено овој делта-сој кој се покажа како најбрутален“, завршува Џонс.
Фото: Фејсбук
* Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.