Ивана Фрапорти, авторката на порталот „Не сме сами“, и покрај нејзината борба со ракот, има важна порака за сите нас. Приказната која оваа храбра сплиќанка ја сподели пред неполн месец и е генерален осврт на човечноста во време на пандемија, е нашиот позитив на денот!
Седам на балконот, го пијам кафето, конечно не ми се лоши. Го набљудувам градот, ми се чини дека има помалку луѓе на улицата. Можеби, сепак, слушнале што советуваат тие што знаат што зборуваат. Се надевам, поради сите нас навистина се надевам. Не само поради мене, туку поради сите нас. Се надевам поради оние со кои би сакала да се напијам кафе, поради оние кои ја прават најдобрата крем пита на светот, а сега не можам да уживам со нив бидејќи ги гледам и слушам само преку видео повици.
Видете, тие старите како што ги нарекуваат, моите и вашите родители, бабите и дедовците, имаат уште многу живот пред себе и можат да дадат уште многу љубов. Зарем не е преубаво тие, иако имаат повеќе од 70 години, да користат „Фејсбук“ и да им се јавуваат на своите деца преку видео повици?
Се надевам поради сите мајки на светот кои се во овие денови сами, но само физички.
„Нѐ спаси технологијата“, вели мајка ми.
Се надевам за сите оние кои и во овие услови мораат секојдневно да одат на работа и да го изложуваат своето здравје, својот живот, за ние полесно да ја пребродиме оваа апокалиптична состојба.
И за крај, се надевам за сите нас, кои денес покрај борбата со вирусот, водиме уште една борба за сопствениот живот.
Останете дома за Лилјана, Соња, Ивана, Марина и за останатите храбри, прекрасни и непоколебливи жени! За сите нив, за сите нас!