Поранешниот шоумен и бизнисмен Бојан Јовановски денеска се појави пред Основниот кривичен суд Скопје и преку медиумите порача дека бара фер, а не хистерична и брза судска постапка за случајот „Меѓународен сојуз“.
Ова е негова прва изјава откако доби прекин на издржувањето на затворска казна за „Рекет“ поради здраствени причини.
Популарниот Боки 13 пред судот се појави видно поправен и побара да не се злоупотребува неговата здравствена состојба.
„Јас моментално сум лице кое е правосилно осудено, но кое доби прекин на издржување на затворската казна поради здраствени причини. Не сакам мојот изглед да биде злоупотребен и јавноста да зборува дека не ми е ништо, туку за моето лошо здравје јас имам целосна документација. Имам индикации дека најверојатно ќе треба да се прави уште некоја интервенција и вакво нешто не посакувам никому“, рече Јовановски.
Боки 13 наа 22 април ќе гостува во поткастот на јутјуберот Стефан Лазаров. Според најавите на социјалните мрежи, во ова шоу тој ќе зборува „отворено и брутално за тоа што поминал и што се крие зад годините поминати во затвор..“.