Институтот за судска медицина се огради од написите во одредени медиуми кои се повикуваат на свои извори од оваа институција за начинот на кој била убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска.
„Категорично тврдиме дека овој медиум не добил никаква изјава, ниту информација во усна или писмена форма од Институтот. Само изјава дадена од одговорното лице на Институтот, која е во вид на аудио или видеоснимка или во писмена форма, може да се смета за релевантна и точна и тогаш медиумите може да цитираат дека изворот на информацијата е од Институтот. Додека трае истрагата Институтот за судска медицина се оградува од сите написи во кои ќе бидат објавени неофицијални информации, а каде како извор на информацијата стои Институтот за судска медицина“, истакнуваат од Институтот.
Оттаму, известуваат дека по пронаоѓање на телата од покојните Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Институтот бил активно вклучен во истрагата, како при увидот на местото на пронаоѓање на телата така и во вршење на обдукциите.
„По завршување на обдукциите, телата на починатите беа предадени на семејствата, а Институтот продолжи со понатамошните анализи кои се спроведуваат после секоја обдукција. Извештаите од обдукциите за починатите беа доставени во Основното јавно обвинителство Скопје, на ден 22 декември 2023 година. Од доставување на обдукциските наоди, веќе во наредните денови почнаа да се појавуваат информации кои се дел од истрагата и кои треба да бидат тајни додека трае истата“, велат од Институтот за судска медицина.
Од Институтот напомнуваат дека како судски медицинари, кои се активно вклучени во истрагата за овој сензитивен предмет, се обврзани да го почитуваат Законот за кривична постапка, односно член 289, кој се однесува на тајност на предистражната постапка.
„Ги потсетуваме новинарите дека според Кодексот на новинари тие се должни и мора да ја почитуваат личната болка на семејството, а сите извештаи за судски постапки мора да им бидат ослободени од сензационализам. Воедно,новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските“, потенцираат од Институтот.
Оттаму, напомнуваат дека Институтот за судска медицина продолжува со сите законски предвидени дејствија за овој предмет кој се и ќе бидат дел од доказниот материјал, а кој со јавноста ќе бидат споделени во оној дел во кој тоа го дозволува Законот за кривична постапка.