Почина Милан Белев, занаетчиска легенда во Охрид. Работилницата на прочуениот опинчар беше несомнeно една од знаменитостите на македонскиот туристички бисер, омилено свртувалиште на Холанѓаните и наликуваше на мал музеј.
Белев (1926-2022), занаетчија-опинчар, роден во Охрид, на 13 години заминува во Зајечар, соседна Србија да го изучува кожарскиот занает. Се враќа дома по четири години и заедно со неговиот брат Ѓорѓи Белев отвораат дуќан во старата охридска чаршија.
Низ годините изработувал опинци и други производи од кожа за населението и за странските туристи. Холандските туристи во тоа време покажуваат голем интерес за неговите производи, поточно за македонските традиционални опинци.
Од нив го учи и холандскиот јазик којшто доста солидно го зборува. Стекнува низ годините многу пријателства. Неговиот занает го предава на внукот Крсте Белев и правнуката на Милан, Елена Белев, пишува порталот „ТВМ.мк“.