Доцна во ноќта по прогласувањето на евровизискиот победник, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ги објави и резултатите од гласањето во полуфиналните вечери.
Македонскиот претставник Васил Гарванлиев во вторникот во првото полуфинале се пласирал на претпоследното место со скромни 23 поени (11 од телевоутинг и 12 од жири). Послаб резултат има само Ирска со 20 поени.
Во втората полуфинална вечер, пак, помалку поени од нас добиле само Грузија (16) и Летонија (14).
Тоа значи дека од вкупно 39 земји учеснички ние се пласиравме на 35-то место. Ако ни е за утеха, Чешка со ист број на поени заврши после нас на 36-то место.
Победник на 65-то издание на „Евросонг“ е Италија. Рок-бендот „Манескин“ и претходно важеше за фаворит според обложувалниците. На второто место се пласираше Франција, а трета е Швајцарија.
Ј.П.
* Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО