fbpx

Кога го гушкав мртов, крв му течеше од устата: Весна Петрова со потресна исповед за починатиот сопруг

Би сакала да ја опишам нашата голгота, која ја поминавме. Кој има време нека прочита.

Јас и децата бевме позитивни два пати, во септември и јануари. Сопругот беше со нас двата пати и немаше ниеден симптом, претходно беше и вакциниран. Крај на јануари се заразува од непознат извор. После два три дена толку ретко поткашлување, без ниеден друг симптом развива пневмонија. Веднаш по направен рендген е хоспитализиран. Примена е актемра, затоа што има покачен интерлеукин 6 и веднаш потоа почнува голготата.

Првите денови е супер сатурацијата 98-99% со кислородна поддршка од 5 литри во минута и сите други параметри одлични. Тој најпозитивен се шегува, нема никаква најава дека нешто може да тргне по зло. После неколку дена одлучува при здрав разум дека не може да издржи таму и да гледа тоа што се случува и дека ќе си дојде дома. Повторувам, при здрав разум донесува одлука дека ќе земеме концентратор за кислород и ако е потребно повремено уште некој ден дома ќе биде на кислородна поддршка. Кога бара да биде испишан, почнува голготата.

Не го пуштаат, го врзуваат за кревет и му викаат психијатар кој вели дека пациентот сака да си оди дома, пациентот смета дека дома ќе му биде подобро и поради тоа пациентот е некритичен. Му препишуваат терапија за седирање и хлорпромазин, кој се дава на луѓе со шизофренија!!! (здрав, прав човек, професор на факултет беше).

Истиот ден го прегледува пулмолог кој напишал дека пациентот има нормално везикуларно дишење, без пропратен наод. Маската за кислород му е тргната и го третираат како психијатриски случај!!! По два дена ми кажуваат дека е неконтактибилен. На мое огромно инсистирање ми го даваат на телефон и тогаш, иако му се плетка јазикот од терапијата, се убаво ми кажа дека му е многу лошо таму, дека не му даваат ни храна ни вода. Според кажувањата на сестрите не му даваат затоа што веќе го изгубил рефлексот за голтање (а воопшто не било така). Тогаш маки за да се префрли на интензивна и кога го префрлија веќе беше во тешка состојба со жолта боја на кожа и белки (поради терапијата). Веднаш ја прекинаа антипсихотската терапија.

Затоа што беше долго без храна, веќе беа изместени и минералите во крвта. Мораа да му пласираат назогастрична сонда за да се надокнади периодот без храна и таа во комбинација со хепаринот предизвика крварење од желудникот, од кое западна во хеморалгичен шок. Од хеморалгичниот шок падна притисокот и бубрезите престанаа да работат. Му ставаа многу крв и плазма и со лавовска борба преживеа. Почна и убаво да зборува, кога се исчисти од терапијата. Но, на крај како резултат на таа масивна трансфузија западна во акутен респираторен дистрес. Тоа се случува кај измрцварени луѓе кои долго биле во болница или по тешка операција и трае пет шест дена. Првите денови е драматично, но по петтиот ден состојбата обично се подобрува. Го ставија на кислород, на ципап вентилација и на крај на респиратор (за кој не ме прашаа).

И нејсе, поминаа тие критични пет денови и состојбата почна да се подобрува. За беља докторката која беше најпозитивна и која даваше се од себе да го спаси се разболе и не беше таму. Сатурација почна да се качува 80, па 83, па 87, па 90 и знаев дека ќе треба ноќта да го тргнат од респиратор. Кули и градови им ветував на сестрите да повикаат анестезиолог за да биде до него и да може да го тргне од респираторот, затоа што тој е седиран и сам нема да може да реагира. Ми викаа само Господ да го чува до сабајле, затоа што анестезиолог може да дојде само на визита сабајле и сабајле ми рекоа Бог да го прости.

Кога го гушкав мртов, крв му течеше од устата, а тоа се случува кај луѓе со повреда на белите дробови. Ете тоа беше нашата трагедија. Останува засекогаш да боли помислата дали покрај толку обемната антибиотска терапија (која нормално за вирусот нема никаков ефект, но ете заради страв од болничка бактерија таму) требаше да пласираат толку силна антипсихотска терапија на психички потполно здрав човек и да настанат толку компликации, само затоа што сакал да си оди дома.

Останува засекогаш да боли прашањето дали ништо од ова немаше да се случи само ако го почитуваа неговото право на избор каде ќе го продолжи лекувањето. Останува засекогаш да пече помислата дека нашите најмили таму се само бројки, со кои се експериментира.

Фејсбук-статус на Весна Петрова во групата Ковид-19 искуства и совети

Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Се омажи Биба Додева (ФОТО)

Познатата пејачка и претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева, повторно се заколна на вечна љубов. Среќната вест која навистина ги изненади фановите ја сподели нејзината долгогодишна блиска пријателка и соработничка, поетесата Ана Бунтеска. „Бибо моја, вечна љубов, ве сакам. Да се чувате и да си бидете столб еден на друг. […]