Ј.А., 19-годишната девојка која кобната ноќ била во таксито заедно со Урош Блажиќ осомничен за масакрот во Младеновац, денеска беше сослушана во Вишото јавно обвинителство во Смедрево.
Таа доби статус на оштетена, потврди обвинителот Иван Конатар за „Еуроњуз Србија“. Нејзиниот вереник исто така бил испрашуван, а во наредните денови исказ во обвинителството би требало да даде и таксистот кој го управувал возилото.
Извор од истрагата брифира дека жената пред обвинителството признала дека била принудена да го лаже масовниот убиец дека е бремена, бидејќи се плашела дека може да ја убие.
Обвинителството интензивно работи со полицијата на утврдување на потеклото на оружјето употребено во убиствата и начинот на кој обвинетиот го набавил истото.
Ноќта меѓу 4 и 5 мај, Блажиќ со истрели од автоматска пушка уби осум лица, тешко и лесно рани 14 од нив, а по апсењето во обвинителството го призна делото. Тој се товари за пет кривични дела-тешко убиство, недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материи, киднапирање и неовластено користење туѓо возило.