Беше сестрана личност, живееше филмски
На 77-годишна возраст почина врвниот македонски неврохирург, проф. Д-р Јовица Угриновски.
Човек со неверојатно инспиративна биографија, вистински господин со уникатен животен стил.
„Качувај се кон врвот, но гледај никогаш да не го достигнеш! Зошто? Затоа што после врвот има само една насока-спуштањето надолу!“, често нагласуваше Угриновски во интервјуата.
А, токму тој беше експерт за врвови.
Беше првиот Македонец кој закачи знаме на Антарктикот, имаше неколку „прошетки“ по Хималаите.. Во 2018 година доби и трет мандат на чело на Федерацијата на планинарски спортови.
Д-р Угриновски беше човек со исклучително интересни животни епизоди.. Една од нив е приказната со мечето Теди. За оние на кои можеби им промакнала оваа приказна, мече повредено во близина на преминот Блаце токму тој се нафати да го оперира, а потоа го подари во Зоолошката градина во Штип.
Пред неколку години особено го привлече вниманието во јавноста со една друга, помалку контроверзна лична приказна, која предизвика лавина реакции.
Во големо интервју за магазинот „Капитал“ беше претставен како Голем Мајстор на Големата Ложа на Македонија. Во таа прилика отворено проговори за Слободното ѕидарство, за Масонеријата кај нас.
На прашањето дали масонеријата е своевидна религија, одговори вака: „Апсолутно, не! Слободното Ѕидарство ниту е религија, ниту е сурогат на било каква религија. Масоните веруваат во едно Вишо суштество-Големиот Архитект на Универзумот, при што не предлагаат, ниту проповедаат сопствена верска доктрина. Во текот на работата на Ложата, забрането е да се дискутира за религија. Меѓутоа, Слободното Ѕидарство ја почитува религијата и е отворено за лица од сите вероисповеди, при што не се обидува да ги обедини различните религии, туку ги обединува масоните-припадници на различни религии. Моралните вредности кои ги проповеда Слободното Ѕидарство, се прифатени од сите религии“, изјави тој за „Капитал“.
Ј.П.
*Текстот не смее да биде преземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.