По шестгодишна битка со канцер, почина Берислав Думенчиќ Беро, поранешниот тапанар на „Термити“.
Популарниот Беро почина на 64-годишна возраст во четвртокот вечерта, а веста за неговата смрт ја објавија членовите на групата „Лет 3“ на нивниот Фејсбук-профил.
„Збогум Кико. Секогаш велеше дека тој е пурпурна пеперутка. Инаку, Кико е коавтор на „Сам у води“, а на првата Лет 2 верзија од песната свиреше на тапани. Почивај во мир“, напишаа членовите на ријечкиот бенд кој годинава ја претставуваа Хрватска на „Евросонг“.
Думенчиќ во април заврши в болница, а го посетија поранешните членови на бендот, пејачот Предраг Краљевиќ Краљ, клавијатуристот Јосип Крошњак Пепи и басистот Дамир Мартиновиќ Мрле (петтиот член, гитаристот Роберт Тичиќ Тица, почина во 1984 година на само 23 години).
Му ја донесоа плочата што сите во бендот со нетрпение ја очекуваа, ЛП со студиските и со лајв-песните на бендот.
„Драго ми е што го доживеав албумот, без разлика што тоа се случи на залезот од мојот живот“, изјави тогаш.