Не стивнуваат реакциите во јавноста по смртта на 47-годишната актерка Ники Ајкокс, ѕвездата од научнофантастичната хит-серија „Натприродно“ (Supernatural).
Во 2020 година ѝ беше дијагностицирана леукемија и храбро се бореше до крај. Фановите ѝ се чудеа на позитивниот став со кој се обидуваше да ѝ пркоси на болеста.
„Многу се разболев и мислев дека имам ковид, но работите се искомплицираа. Завршив в болница пред да ја дознаам страшната дијагноза“, напиша Ники лани во март кога им ја откри на фановите лошата вест.
За нејзината смрт сега се огласи и Сузан Раб Цеклоски, сестра на нејзиниот сопруг.
„Моја убава, паметна, неверојатно талентирана и полна со љубов снаа. Почина во рацете на брат ми. Ники и Мет имаа прекрасен заеднички живот во Калифорнија. Дефинитивно беше борец и сите што ја познаваа искрено ја сакаа“, напиша таа на „Фејсбук“.
Освен во Supernatural, Ајкокс имаше забележителни улоги и во Dark Angel, Jeepers Creepers 2 и Providence.
* Текстот не смее да биде преземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.